ОПЕК очекува бавен раст на побарувачката за нафта

LinkSense.mk

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ја намали проценката за растот на побарувачката за нафта во оваа и следната година, поради забавувањето на глобалната економија и строгите мерки за борба против Ковид-19 во Кина.

Побарувачката ќе порасне за 2,5 милиони годинава, а за 2,2 милиони барели дневно следната година, процени ОПЕК во месечниот извештај објавен вчера, намалувајќи ги досегашните прогнози за 100 илјади барели дневно.

ОПЕК смета дека глобалната побарувачка за сурова нафта на крајот на годинава да достигне 101,3 милиони барели дневно и да се зголеми на 103,4 милиони барели дневно до крајот на 2023-та.

Прогнозите се намалени поради високиот степен на неизвесност во периодот до крајот на годината, со оглед на „политиката на нулта толеранција кон Ковид-19 во Кина, континуираната геополитичка неизвесност и слабите економски активности“.

Во 2023 година, пак, „се очекува растот ќе биде притиснат од неизвесноста поврзана со економските активности, мерките за сузбивање на Ковид-19 и геополитичките случувања“.

Во октомври, ОПЕК и неговите сојузници меѓу независните производители, вклучувајќи ја и Русија, одлучија од ноември да го намалат производството за вкупно два милиони барели дневно во однос на зацртаното ниво за да ја „поддржат“ цената на нафтата.