Општина Тетово во 2021 година ќе има буџет од над 27 милиони евра

Советот на општина Тетово на денешната 37-ма седница го усвопи буџетот за 2021 година. Општината ќе има приходи од 1 милијарда 675 милиони 322 илјади 433 денари или 27 милиони 241 илјади 15 евра. Расходите се 1 милијарда 846 милиони 987 илјади 702 денари, а дефицитот ќе изнесува 171 милиони 665 илјади 269 денари.

– Буџетот освен за плати на вработените ќе биде за инфрастуктурни проекти, регулирање други работи од потреба на граѓаните. Секторот за финансии ќе го покрива дефицитот со наплата на даноци од граѓаните и други методи, изјави Беким Мемети, претседател на Советот на Општина Тетово.

Советниците реагираа дека се добиваат пари од Владата и други места и нема предвидено средства од самата општина за капитални инвестиции.

– Кога општина Тетово ќе направи некоја улица или проект од своите средства. Ова е показател дека парите се користат најмногу за плати, поради преголемиот број вработени во Oпштината, реагираше Ариф Сељами советник од Алијанса за Албанците.

Советот на општината Тетово даде согласност на одлуката на Владата за преземање на средното училиште „Моша Пијаде“ кое станува регионален центар за стручно образование.