Османи-Вархеји: Одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро

LinkSense.mk

Европската перспектива на Северна Македонија, добрососедските односи, регионалните иницијативи и очекувањата во периодот што претстои, во пресрет на декемвриските Совети, како можност за позитивен исчекор во следната фаза од евроинтегративниот процес на државава, беше во фокусот на средбата на шефот на дипломатијата Бујар Османи со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји во Брисел.

Како што соопшти МНР, соговорниците се осврнаа на наодите од овогодинешниот Извештај на Европската комисија, преку кои беше испратен силен и јасен сигнал дека кредибилноста на политиката на проширувањето останува да биде клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економски развој во цела Европа.

На средбата беа реафирмирани позитивните оценки на ЕК за земјата по однос на сите параметри, при што доаѓа и недвосмислениот повик кон земјите-членки, без натамошно одложување да се завршат дискусиите за одржување на првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи што е можно поскоро.

За време на средбата стана збор и за последните внатрешно-политички случувања во земјата, но и за напорите во надминувањето на разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија, како приоритет да се одблокира нашиот пат кон ЕУ.

– Владата останува силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, со дополнителен импулс и проактивност во развојот на добрососедските односи, како клучна додадена вредност во развојот на регионалната стабилност. Политиката на проширување е најдобрата алатка за поттикнување на сложени реформи и демократско консолидирање, а нејзината трансформативна моќ се темели на условеноста и објективното вреднување на резултатите во процесот низ кои се одразуваат вредностите на ЕУ, истакна Османи.

Вархеји од своја страна информирал за напорите на Европската комисија за обнова на европскиот моментум во регионот, но и за имплементацијата на Економско инвестицискиот план што претставува силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, унапредена регионална соработка и засилени конекции со ЕУ.

Османи во текот на денот ќе се сретне и со Андреас Шидер, претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ, со Илхан Ќучук, известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент како и со советниците за надворешна политика на Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и на Претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

Во рамки на денешната агенда, се планира Османи да има интервју за угледниот бриселски веб сајт „ЕУ Обзервер“ и за „Агенција Европа“.

 

ФОТО: МИА