Откриен можен извор на неславната црна чума од 14. век

LinkSense.mk

Научници од Институтот за еволутивна антропологија при „Макс Планк“ веруваат дека го нашле одговорот на 700-годишната мистерија за потеклото на црната чума, смртоносната пандемија што ги погоди Европа, Азија и Северна Африка во средината на 14. век.

Меѓународен тим научници се собра откако д-р Филип Славин, историчар од Универзитетот во Стирлинг, откри докази за ненадејно зголемување на смртните случаи во доцните 1330-ти на две гробишта во близина на езерото Исик-Кул, денес во северен Киргизстан (Средна Азија). Врвот на европската епидемија се случил 1348, но и годините потоа.

Анализирајќи 467 надгробни споменици датирани меѓу 1248 и 1345 година, Славин забележал огромен пораст на смртните случаи од 1338 и ’39 година. Натписите на некои од надгробните плочи наведуваат дека причината за смртта била „маутана“, што може да се преведе како – „чума“. Десетици милиони луѓе починале како последица од таа бубонска чума, којашто брзо се ширела преку трговијата. Но, и покрај напорите да се најде изворот на заразата, а поради недостигот на цврсти докази, ова прашање остана неодговорено до ден-денес.

„Ние всушност го лоциравме изворот на вирусот во времето и просторот, што е навистина неверојатно. Го најдовме не само предокот на „црната смрт“, туку и предокот на повеќето видови чума што кружат денес низ светот, изјави Јоханес Краузе, професор на Институтот.

Подробните истражувања покажаа дека гробниците Киргистан потоа биле ископани, кон крајот на 1880-тите, а од нив биле извадени 30 скелети. Генетскиот материјал изваден од забите на седум преостанати скелети, покажува оти три од нив го содржеле генетскиот материјал на бактеријата којашто ја предизвикува бубонската чума.

Луѓето и денес можат да бидат заразени со бубонска чума, но подобрата хигиена и помалиот контакт со инсекти и стаорци ја намалуваат опасноста од зараза.

 

МИА