Отсуството на Груевски и групата го одложи рочиштето за насилствата во Центар

Судењето за насилствата во Општина Центар денеска не се одржа. Причината за тоа е отсуството на четиринаесетмината обвинети меѓу кои се поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, пратеничката Даниела Ранѓелова. Судијката Татјана Михајлова рочиштето го закажа за 3 мај.

Обвинителката Фатиме Фетаи побара одговор од судијата зошто се уште не им е доставена аудиоснимката од 16 декември 2016 година, посочувајќи дека во друг случај до Советот за јавни обвинители многу експресно била доставена аудиоснимката од рочиштето на 20 февруари кога требало да се разгледува и одлучува за нејзината одговорност пред судот.

На барањето на одговор зошто ниту еден од обвинетите не е присутен судијата Татјана Михајлова рече дека сите обвинети се уредно викнати и дека доколку не се појават втор пат, постојат механизми за да бидат донесени во Суд.

Адвокатот на Груевски, Никола Додевски, изјави дека уште однапред се знаело дека не се исполнети процесните претпоставки за одржување на рочиштето бидејќи се уште нема одлука по препораката на Судот на јавни обвинители да се изземе од случајот обвинителката Фатиме Фетаи поради нејзиното однесување во судница.

Специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека приоритет во овој момент се самите предмети, а денешното одложување на процесот не го сфаќа како нова опструкција на нејзината работа. Не одговори на прашањето дали обвинителката Фетаи ќе биде изземена од случајот.

Обвинението против четиринаесетчлената група за поттикнување насилство и за насилство Специјалното јавно обвинителство го поднесе лани на 15 септември.

Досега се одржани неколку подготвителни рочишта, а главната расправа се уште не е почната.

На последното рочиште одржано на 20 февруари, Михајлова ги казни обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи со по 2 илјади евра за навреда и непочитување на судот.