Парада во Атина по повод 200 години грчка независност без граѓани

LinkSense.mk

Во Атина денеска, на централниот градски плоштад Синтагма, се одржа воена парада, централно случување за одбележување на 200 годишнината од ослободувањето на Грција од Турската империја.

Во свечената ложа, покрај претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, беа и премиерот, Киријакос Мицотакис, лидерот на опозицијата, Алексис Ципрас, претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис, премиерот на Русија, Михаил Мишустин, престолонаследникот на британскиот престол, принцот Чарлс и министерката за одбрана на Франција, Флоранс Парли.

Покрај претставниците на три светски сили кои одиграле клучна улога помагајќи и на Грција да се ослободи, присутни беа и претставници на државните органи, воениот врв на земјата, како и претставници на Грчката црква.

Граѓаните, заради строгите епидемиолошки мерки не присуствуваа на парадата.

Пред почетокот на дефилето, на Акропол, со звуците на државната химна, беше подигнато грчкото сино-бело знаме.

Потоа од Ликавитос беа истрелани 21 топовски плотун, а пред гробот на Незнајниот јунак беше положен венец во знак на сеќавање и почит за сите кои ги дадоа животите за слободата на денешните генерации.

Дефилето на родовите на грчката војска почна со настапот на коњаницата и пешадијата. Во стилизирани носии од различни периоди, со учество на момчиња и девојки, беше прикажана хронологијата на борбата против повеќевековниот окупатор.

Потоа припадниците на воздухопловните сили упатија порака од небото дека „сино-белите крила на грчката авијација будно ќе ја чуваат секоја педа од земјата и морето“.

Моторизираните единици сведочеа дека „грчкиот војник одлучно и храбро ќе ја брани честа да биде достоен на славните предци.“

на претседателката на Грција денес многу светски државници и упатија цеститки по повод големиот јубилеј.

Претседателот на САД, Џо Бајден, упати порака во која истакна дека „славејќи го денот на независноста на Грција, ја славиме историјата и вредностите кои не поврзуваат. Нашите татковци, оснивачите на нашата нација беа инспирирани од грчката демократија правејќи го нашиот Устав. Денес воедно славиме и 200 години пријателство и соработка“.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, во видео пораката рече дека денес се прославваат 200 години од грчка револуција, 200 години од раѓањето на модерна Грција и 200 години од идејата за Европа.

Истакнувајќи го огромното значење на Хелените за заедничката историја на Европа, Макрон на грчки јазик заклучи: „Вашата слобода е и наша слобода“.