Партиите ги доставија листите за изборите на 11 декември

До полноќ, кога заврши рокот, листи за изборите на 11 следниот месец, поднесоа коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, опозициската коалиција предводена од СДСМ, Коалицијата за промени и правда, Коалицијата ВМРО за Македонија, партииите ДУИ, ДПА, ПДП, ЛП, Левица,СДПМ и Беса и НДМ.

Носител во првата изборна единица на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е Никола Поповски, во втората Никола Тодоров, а во третата Илија Димовски. Во четвртата изборна единица предводник е Никола Груевски, Антонио Милошоски е прв во петтата, Влатко Ѓорчев во изборната единица шест, а во седмата изборна единица е Рамазан Ифтаровски.

Коалицијата на СДСМ во првата ИЕ ја предводи Стево Пендаровски, а Оливер Спасовски во втората. Во третата носител е Љупчо Николовски, во четвртата Зоран Заев, петтата Радмила Шеќеринска, а во шестата Петре Шилегов.

Носители на листата на ДУИ, редоследно од првата до шестата изборна единица се: Артан Груби, Ејуп Халими, Нафи Дурмиши, Артин Спахиу, Агим Шаќири, Али Ахемти.
Во седмата ИЕ кандидат на ДУИ е Џевдет Спахиу.

Кај ДПА носители се Идриз Орана, Орхан Ибраими, Сами Рушити, Адриан Хусеини и Мендух Тачи.

Листата на Коалицијата за промени и правда во првата ИЕ ја предводи Павле Трајанов, а во втората, Јове Кекеновски, во третата прва на листата е Весна Стоименовска, во четвртата Слободан Богоевски, во петтата Александар Делов, а во шестата Бранко Мајсторовски.

Носители на листите на Коалицијата ВМРО за Македонија се Ден Дончев, Љупчо Балковски, Стојанче Ангелов, Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски и Зоран Велковски.
Претставник на „ВМРО за Македонија“ во седмата изборна единица е Стојадин Наумовски.

Од „Левица“ во првата изборна единица носител е Димитар Аспатиев, во втората Трајче Стојанов, Марија Џонс е во третата, четврата ја предводи Митко Николов, а петата Здравко Савевски.

Кандидатските листи треба да бидат разгледани и потврдени од членовите на ДИК во рок од 48 часа од моментот на доставувањето односно до недела на полноќ. Доколку се констатираат неправилности учесниците во изборите треба да ги отстранат во рок од 48 часа. Жребувањето за редоследот на листите треба да се одржи на 20 ноември.

На полноќ истече и рокот за пријавување државјани на Република Македонија кои живеат во странство за гласање на изборите, како и за лицата со спорни записи и увидот во избирачкиот список.

Според последните информации во ДИК досега пристигнале 20.293 пријави, од кои прифатени биле 18.706.