Планктониум спроведува обуки за инспектори и комунални редари

Започнаа обуките за информирање и запознавање  на овластени инспектори и комунални редари од сите општини во земјата организирани од Граѓанското здружение Планктониум, во врска со новиот Закон за третирање отпад.

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со сите засегнати страни подготви пакет закони од оваа област меѓу кои и нов Закон за управување со отпад и пакет закони за проширена одговорност на производителите на текстил, масла, гуми, искоритени возила, пакување, батерии и електрична или елкторнска опрема. Со носењето на овие закони и Националниот план за управување со отпадот 2020-2030 значително ќе се подобри состојбата со собирањето и третманот на отпадот.

Предвидени се четири обуки, поделени по региони, Југозападен и Пелагониски Регион, Вардарски и Југоисточен Регион, Источен и Североисточен Регион и Скопски и Полошки регион.

„Веќе се постигнати одредени успеси во поглед на носење нова законска рамка за управување со отпад, која е хармонизирана со законодавството на ЕУ. Но, носењето на законите нема да има големо значење доколку не бидат спроведени соодветно.

Едни од клучните чинители во овој процес се инспекторите и редарите, бидејќи надзорот на овие закони и нивното спроведување е поделен помеѓу неколку инспекторати во земјата. Поради овој факт сега се фокусираме на правилната обука на овие чинители во сите општини во државата за истите да бидат поподготвени во нивната примена“ изјави Ана Стојановска, претседател на граѓанското здружение Планктониум.

За време на обуките презентирани се и потенцијалите на  Цементарница УСЈЕ АД Скопје во процесот на интегрирано управување со отпадот и неговата реупотреба.

Дополнително на тоа презентирани се и досегашните децениски искуства на земјите членки на ЕУ и вклучувањето на цементната индустрија во овој процес, следејќи ги најдобрите европски практики за намалување на стакленичките гасови во воздухот и заштита на животната средина.

Инспекторите и комуналните редари од општините имаат во план да ја посетат Цементарница УСЈЕ АД Скопје за подетално да се запознаат со можностите.На обуките се преземени и  се почитуваат сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.

Здружението работи на волонтерска основа и главно се занимава со прашања поврзани со животната средина, едукација на општата јавност и развивање на еколошката свест од најмала возраст, помагање во имплементирањето на националните закони, енергетска ефикасност и свест за климатските промени, пошумување на голи површини, сеопфатна грижа за водените еко-системи, односно се што значи поддршка на заштитата на животната средина.