Познатата круна се прилагодува за главата на Чарлс Трети

LinkSense.mk

Круната на Свети Едвард, историскиот централен дел од кралскиот накит, е изнесена од лондонската кула за да биде прилагодена за британскиот крал Чарлс Трети, пред неговото крунисување на 6 мај 2023 година, објави Бакингемската палата.

Од таму соопштија дека круната била преместена за да може да се прилагоди пред церемонијата на крунисување на 6 мај.

Преместувањето на бесценетата круна беше чувано во тајност додека таа не беше безбедно доставена до златарите. Се смета дека верзии на круната на св. Едвард се користат за крунисување на британските и англиските монарси уште од 13 век.

Оригиналот датира од 11 век, кога му припаѓал на кралскиот светец Едвард, последниот англосаксонски крал на Англија.

Круната на Свети Едвард се појавува во Кралскиот грб на Обединетото Кралство, на логото на Кралската пошта и на значките на вооружените сили.

Крунисувањето ќе се одржи во Вестминстерската палата, осум месеци по стапувањето на тронот на монархот и смртта на кралицата Елизабета Втора.

Разбирливо е дека церемонијата ќе ги содржи истите централни елементи на традиционалниот обред, кој ја задржа сличната структура повеќе од илјада години, додека во исто време ќе се земе предвид духот на нашето време.

Се очекува крунисувањето на Чарлс да биде од помал обем и да биде пократко, а некои сметаат дека би можело да трае само еден час. Исто така, се очекува настанот да биде поинклузивен од минатите крунисувања во Британија. На церемонија и Камила, кралицата сопруга, ќе биде крунисана заедно со Чарлс.

Бројот на гости ќе биде намален од 8.000 на околу 2.000, а од нив се очекува, наместо свечена церемонијална облека, да носат костуми и фустани. Низа ритуали, како давање златни прачки на новиот владетел, ќе бидат укинати.

Најавата на Бакингемската палата дојде откако британскиот весник Дејли Мирор објави дека кралот, поради се поголемите трошоци за живот во Британија, планирал „помалку скапа“ церемонија од помали размери од свеченоста на крунисување на покојната кралица Елизабета Втора, во 1953 година, која траела околу три часа

Крунисувањето на Елизабета Втора било огромна прослава, на која половина милион гледачи се нашле на нејзината поворка на 2 јуни.

И покрај првичното одбивање, таа на крајот се согласила да дозволи телевизиските камери да бидат присутни во Вестминстерската палата за да го снимаат историскиот настан.

Според проценките, само во Британија 27 милиони луѓе го гледале крунисувањето во живо на нивните црно-бели телевизори, а се емитувало и низ целиот свет.