Речиси 2.500 луѓе се евакуирани ноќеска како мерка на претпазливост од грчкиот остров Крф, каде беснее пожар на северот, соопшти денеска локалната противпожарна служба.
Поради пожарот на северот на островот синоќа превентивно се евакуирани 2.466 лица, изјави портпаролот Јанис Артопиос, додавајќи дека досега не се уништени куќи или хотели.
Властите испратија предупредувачки пораки на мобилни телефони до жителите и туристите во бројни мали градови на северот на Крф да ги напуштат своите домови како мерка на претпазливост.
Пожарот избувна вчера и денеска продолжува да гори во шумата на северот на туристичкиот остров Крф, каде од утрово се активни 62 пожарникари, поддржани од два хеликоптери и два авиони, информираат од противпожарната служба.
Грција е зафатена од еден од најдолгите топлотни бранови во последните децении со температури кои локално достигнуваат повеќе од 46 степени Целзиусови, од минатата недела е погодена од повеќе шумски пожари.
Силен пожар го зафати и туристичкиот остров Родос, југоисточно од Егејското Море, поради што во саботата беа евакуирани 30.000 туристи во најголемата операција од тој тип досега спроведена во Грција.
Од денеска рано изутрина два хеликоптери и два авиони продолжија да им помагаат на пожарникарите во гаснењето на пожарот на тој остров, каде пожарот гори веќе седми ден по ред.
Жешките точки се активни и денес во Егиа на северот на Пелопонез, Каристос на југот од архипелагот Евија и Беотија, департман северно од Атина.
(Фото: ЕПА-ЕФЕ)







