Пораки од Брисел дека се работи на старт на преговорите уште годинава, победниците на изборите во Бугарија го ублажуваат тонот

LinkSense.mk

Позицијата на Европската комисија за старт на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ во текот на оваа година останува непроменета, порача вчера еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји на средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Во исто време, лидерите на коалицијата победничка на изборите во Бугарија, „Промените продолжуваат“ упатија пораки со посмирен тон во правец на надминување на разликите меѓу Скопје и Софија и деблокирање на евроинтегративниот процес.

Европската комисија порача дека сега откако поминаа изборите во Бугарија, Брисел се надева на брз напредок на терен во решавањето на отворените прашања помеѓу Скопје и Софија.

– Нашата позиција останува непроменета. Со нетрпение ја чекаме првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. И двете земји ги исполнија условите и сега е на ЕУ да испорача, му порача еврокомесарот на шефот на македонската дипломатија, изјави за МИА портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.

Според Писонеро, Комисијата ќе остане во близок контакт со сите релевантни страни и ќе продолжи да работи со словенечкото претседателство за да се постигне „нашата заедничка цел за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија уште оваа година и ги охрабрува Скопје и Софија да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните спорови“.

Европската перспектива на Северна Македонија, добрососедските односи, регионалните иницијативи и очекувањата во периодот што претстои, во пресрет на декемвриските совети на ЕУ, како и можноста за позитивен исчекор во следна фаза од евроинтегративниот процес на државата, беа во фокусот на вчерашните средби на шефот на дипломатијата Бујар Османи со претставници на институциите на Унијата во ЕУ.

На крајот на посетата на Брисел, Османи порача дека завршувањето на изборните процеси во Северна Македонија и во Бугарија создале предуслови за политичка стабилност и предвидливост во двете држави, а со тоа и потреба за рефокусирање на нашиот ангажман и енергија во правец кон надминување на разликите коишто  доведоа до блокирање на европскиот пат на земјава.

– Имајќи предвид дека во Република Северна Македонија е клучот за деблокирање на целиот регион, мислам дека вклучувањето на сите чинители во државата во правец на изнаоѓање на решение, во правец на започнувањето на преговорите, ќе биде запаметено како суштински придонес не само за државата, туку и за регионот, потенцира Османи, нагласувајќи дека тој процес нема да биде лесен, но „придонесот на секој во отворањето на ова ново поглавје за државата кое што ќе ја приближи на еден чекор до ЕУ ќе биде од суштинско значење“.

Како што соопшти МНР, на вчерашната средба на Османи и Вархеји во Брисел меѓу останатото станало збор и за наодите од овогодишниот Извештај на Европската комисија, преку кои беше испратен силен и јасен сигнал дека кредибилноста на политиката на проширувањето останува да биде клучна геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и економскиот развој на цела Европа.

На средбата се реафирмирани позитивните оценки на Еврокомисијата за државата по однос на сите параметри, при што е повторен повикот кон земјите членки без натамошно одложување да се завршат дискусиите за одржување на првата Меѓувладина конференција, која треба да се случи што е можно поскоро.

За време на средбата стана збор и за последните внатрешно-политички случувања во земјата, но и за напорите во надминувањето на разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија, како приоритет да за деблокирање на нашиот пат кон ЕУ.

– Владата останува силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, со дополнителен импулс и проактивност во развојот на добрососедските односи, како клучна додадена вредност во развојот на регионалната стабилност. Политиката на проширување е најдобрата алатка за поттикнување на сложени реформи и демократско консолидирање, а нејзината трансформативна моќ се темели на условеноста и објективното вреднување на резултатите во процесот низ кои се одразуваат вредностите на ЕУ, истакна Османи.

Шефот на дипломатијата имаше средби и со копретседавачот со Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, Андреас Шидер, со известителот на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук, со дипломатскиот советник на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Мордју, како и со други високи претставници на ЕУ.

Според МНР, на средбите станало збор за последните внатрешно-политички случувања во државата, каки и за евроинтегративните текови во државата и обидите и можностите за придвижување на целокупниот процес.

– Беше подвлечена силната поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, непречен тек на европската агенда на земјата, усвојување на преговарачката рамка и организација на првата меѓувладина конференција. Нагласувајќи го геополитичкиот аспект за важноста на проширувањето на ЕУ со регионот, беше едногласно констатирано дека Западниот Балкан е важен не само за безбедноста и стабилност на ЕУ, туку и за севкупниот економски, политички и општествен напредок на континентот, информира МНР.

Во исто време, Кирил Петков, копретседател на коалицијата „Промената продолжува“, што победи на парламентарните избори во Бугарија во неделата, коментирајќи ги бугарско-македонските односи, изјави дека не треба да се урне целиот процес на добрососедството со Северна Македонија и историјата да биде единствен критериум за прием на земјава во ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков повтори дека за решавање на прашањето потребно е да се направат работни групи во кои, освен историчари, ќе влезат луѓе од бизнисот, културата, инфраструктурата.

– Ако не се излезе со тимови кои ги знаат и предностите и проблематичните точки, нема како да се дојде до крајното решение, изјави Петков, изразувајќи уверување дека нема да има проблем со коалициските партнери по прашањето со Северна Македонија. Според него, најлоша варијанта би било темата Македонија да се користи за политички цели.

Одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција, која го означува формалното започнување на преговорите за членство со ЕУ, и усвојувањето на преговарачката рамка, се носи во Советот на ЕУ, односно на ниво на земјите членки. Европската комисија има улога на предлагач.

Засега и покрај сите позитивни сигнали од Европската комисија и од сите земји членки на ЕУ, Бугарија сепак ја блокира Северна Македонија во процесот.

Надежта е дека до 31 декември ќе се изнајде решение. Министерот Османи вчера за МИА изјави дека „алармот е вклучен“ секаде во Европа, како и во САД, но дека никој не може да гарантира дека Софија ќе го крене ветото.