Пораснаа цените на нафтата, највисоки се во последните две години

На светските пазари цените на нафтата пораснаа и минатата недела, трета по ред, па достигнаа нови највисоки нивоа во повеќе од две години затоа што трговците очекуваат дека, благодарение на заздравувањето на најголемите светски економии, побарувачката за нафта ќе продолжи да расте.

На лондонската берза цената за барел минатата недела порасна за 1.1 отсто, на 72.69 долари, ново највисоко ниво од мај 2019 година.

На американскиот пазар, пак, цената за барел скокна речиси за 1.9 отсто, на 60.91 долари, што е највисока цена од октомври 2018 година до сега.

Растот на цената на нова највисока стапка во повеќе од две години е само благодарение на податоците кои покажуваат дека најголемите светски економии стабилно се опоравуваат од коронакризата.

„Побарувачката расте побрзо од понудата, па ќе треба да се зголеми понудата за да се покрие сета побарувачка“, вели Фил Флин, аналитичар во компанијата „Прајс Фјучрс Груп“ (Price Futures Group).

Поддршка на цената и пружаат и вестите за повторното отворање на економиите во Европа, заради забрзаните процеси на вакцинација против ковид-19.

Аналитичарите на „Голдман Сач“ (Goldman Sachsa) проценуваат дека цената на барел на лондонските пазари ова лето ќе достигнат 80 долари затоа што забрзувањето на вакцинирањето ги поттикнува економските активности.

„Вакцинирањето во Америка и Европа ја поттикнува побарувачката во исто време кога ОПЕК го ограничува производството, што ја поддржува цената“, вели Енди Липов од компанијата „Липов Оил Асосиејтес“.

Во фокусот на трговците беше и минатонеделната оцена на Меѓународната агенција за енергетика дека големите производители ќе мора да го зголемат производството за да ја задоволат побарувачката која до крајот на следната година би се вратила на претпандемиското ниво.

„ОПЕК+ мора да ги отвори славините за да можат светските пазари на нафта да бидат адекватно снабдени. Има простор во 2022 година 24-те членки на (иницијативата) ОПЕК+, предводени од Саудиска Арабија и Русија, да го зголемат производството на сурова нафта за 1,4 милиони барели дневно над предвиденото ниво за периодот од јули 2021 до март 2022 година“, порачаа од Меѓународната агенција за енергетика.

Аналитичарите, пак, ги истакнуваат информациите за заздравување на патниот промет во Америка и во Европа.

„Охрабруваат податоците кои покажуваат дека патниот промет во Северна Америка и во поголемиот дел во Европа се враќа на предпандемиско ниво“, велат од „АНЗ Рисрч“ (ANZ Research).