Потрошувачка интернет треска во Кина

Купувачите во Кина во петокот потрошија повеќе од 13 милијарди долари на интернет, искористувајќи ги попустите што се нуделе на таканаречениот Ден на самците, празник кој го креирале трговците за да ги привлечат самците да се утешат со купување како терапија.

За само 24 часа, продажбата на интернет во Кина го надмина прометот остварен во текот на потрошувачката грозница во САД која трае пет дена, од Денот на благодарноста до Сајбер понеделник, пренесува Франс прес.

Годинешниов бруто обем на продажбата, како клучно мерило на онлајн продажбата, ја претекна минатогодишната интернет продажба во Кина од 91,2 милијарди јуани (13,4 милијарди долари), соопшти кинеската платформа за онлајн трговија Alibaba, додавајќи дека само во првите пет минути биле потрошени повеќе од милијарда долари.

Конкурентската компанија JD.com, повеќе фокусирана на продажба на електроника, исто така соопшти дека овогодинешнава продажба ја надмина минатогодишната.

Во САД, вкупната онлајн продажба во петте споменати празнични денови минатата година достигна вредност од 11,1 милијарди долари, според податоците на компанијата Adobe digital index.

За Ден на самците е избран 11 ноември, како симболичен поради единиците во датумот (11.11), пренесува агенцијата АФП, потсетувајќи дека Кина има најголем број корисници на интернет во светот.