Претседателот Пендаровски се обрати на јубилејната изложба „75 години ДЛУМ“

LinkSense.mk

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на отворањето на изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, по повод 75 годишнината од неговото основање.

Како покровител на јубилејната изложба „75 години ДЛУМ“, претседателот Пендаровски нагласи дека секој континуитет кој остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност. Авангардата на македонската ликовна уметност е револуционерна за времињата кога се формира ДЛУМ, но, актуелна е за денешните, а ќе биде и за сите идни генерации.

„Во времиња кога брзината е поважна од вредноста, кога нашето внимание го преокупираат инстантни „твитови“ и фејсбук објави, секој континуитет кој остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност. Токму затоа, Друштвото на ликовните уметници на Македонија, има вонредно значење, имајќи ги во предвид сите децениски искушенија во кои настанува, се развива и опстојува до ден-денешен. Станува збор за една од најзначајните струкови уметнички и културни заедници, која ги одразува тековите не само во ликовната уметност, туку, генерално, во современото македонско уметничко творештво.

Само со јасни стратешки определби за градењето на културните политики, можеме да го развиваме нашето културно наследство во една нова, конструктивна и креативна критичка перспектива, што е основата врз која се создава и актуелната, живата култура. Овој јубилеј на ДЛУМ, треба да ни биде поттик и поука за тоа како треба секој човечки влог, настанат во специфични идентитетски, економски и социо-културни околности, да се документира, негува, култивира и развива понатаму како отворена структура за новите парадигми во културата, уметноста и генерално, во општеството.

Не само заради моментната инспирација од овие импозантни дела, околу нас, на нашата модерна и современа уметност, транс-историските аспекти на постоењето на уметничкото творештво можеме да го согледаме низ целокупното постоење на ДЛУМ. Имено, стиловите кои ги втемелуваат неговите основачи, Личеновски, Мартиноски, Поповиќ-Цицо, Владимирски, Белогаски и многумина други, како и оние на денешната, актуелна уметничка продукција, претставуваат потпорна точка од која произлегува фактот дека нашите уметнички креации се рамноправен репрезент на светските струи во уметноста. Авангардата на македонската ликовна уметност е револуционерна за времињата кога се формира ДЛУМ, но, актуелна е за денешните, а ќе биде и за сите идни генерации.