„Приказна за една шума“ – прва претстава на Кумановскиот театар од почетокот на пандемијата

Кумановскиот театар ја подготви претставата за деца „Приказна за една шума“ во режија Никица Јанковски и Матеј Стојковски која, како што соопштија од Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, е прва подготвена од институционален театар од почетокот на кризата со коронавирусот. Премиерно ќе биде изведена в четврток од  20 часот во дворот на театарот.

– Станува збор за едукативна претстава и се надеваме дека најмладите ќе уживаат и истовремено ќе се едуцираат. Горди сме што создадовме претстава во овие услови, се приспособивме и креиравме продукт кој ќе привлече публика, изјави Сашо Тодоровски, директор на установата.

Најмладите ќе дознаат колку се важни дрвјата, кој ги уништува, кој ги спасува. Од театарската екипа додаваат дека бувот и бикот преку интерактивен концепт со публиката ќе им ги појаснат на младите проблемите на модерното време низ игра и едукација.

Во дворот на театарот ќе има 30 столчиња за публиката која, исто како и организаторите, е должна да ги почитува здравствените протоколи.