Прифатена оставката на Борисов

Бугарскиот парламент ја прифати денес оставката на премиерот Бојко Борисов, чија кандидатка загуби на неодамна одржаните претседателски избори.

Вкупно 218 пратеници гласаа „за“ додека двајца беа воздржани.

Претседателот во заминување, Росен Плевнелиев, од утре ги почнува консултациите за состав на новата влада која треба да ја сочинуваат експерти кои ќе организираат предвремени парламентарни избори.

На претседателските избори во Бугарија победи кандидатот поддржан од социјалистите, Румен Радев, со 59,35 отсто од гласовите, додека кандидатот на премиерот и неговата конзервативна партија ГЕРБ, Цецка Цачева, освои 36,17 отсто од гласовите.

Борисов е на власт од 2009 година, а повторно беше избран кон крајот на 2014 година. Неговиот мандат истекуваше во 2018 година.

Радев на 22 јануари ќе ја превземе должноста претседател на Бугарија, која има главно церемонијален карактер.