Продолжува судењето за случајот „Двојник“

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за петмина од обвинетите за случајот „Двојник“, за нелегално издавање пасоши на странски
државјани.

На првото рочиште за случајот, од првично обвинетите 11 лица, петмина признаа вина, а постапката беше раздвоена за обвинетата Наздрие Зековиќ, која од здравствени причини не беше присутна, а која преку својот бранител најави признание на вина.

Постапката сега продолжува за обвинетите Фарук Буки, Весна Колевска, Оливера Софрониевска, Бранислава Владичевска и Шемседин Јашари, кои на минатото рочиште рекоа дека не се чувствуваат виновни за делото кое им се става на товар.

Судот ги прогласи за виновни за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување четворицата вработени во Министерството за внатрешни работи, кои претходно признаа вина, и им одреди казни затвор.

Казна затвор од две години и седум месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години доби обвинетиот Денис Баруфи, а Ален Личина е соуден на две години и три месеци затвор и забрана за вршење дејност и должност од десет години. Ѓорѓе Велков доби од две години и забрана за вршење дејност и должност во траење од десет години. На Раиф Мифтари, судот му одреди казна затвор од две години и три месеци за кривично дело – поттикнување.

Од петмината единствено Фарук Биља доби условна казна затвор од шест месеци, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од две години не го повтори делото. И нему му е определена забрана за вршење дејност и должност но за разлика од другите само во период од три години.

Случајот го води судијката Оља Ристевска, а застапник на обвинението е Спасенка Андонова.

Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.

 

 

(Фото: МИА)