Рекордна потрошувачка во Англија во летниот преоден рок

LinkSense.mk

Англиските прволигаши во овој летен преоден рок забележаа рекордна потрошувачка, шеста сезона по ред, а само вчера, во последниот ден од рокот, потрошија 228 милиони евра.

Ова лето 18 клубови од Премиер лига потрошија, како што јави Би-Би-Си, околу 1,5 милијарди евра на засилувања.

Ревизорската фирма Дилојт (Deloitte) пресметала дека потрошувачката во однос на минатата година пораснала за 23 отсто.

Премиер лигата е прва по потрошувачката, италијанската Серија А со околу 798 милиони евра е втота, а ги следат француската Лига 1 со 640 милиони евра, Бундес лигата со 554 милиони и шпанската Ла Лига, каде што преодниот рок се затвара во петок, со 542 милиони.

Манчестер Сити како клуб најповеќе издвои годинава за нови имиња. Според Би-Би-Си, тренерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола, избра фудбалери за кои клубот издвои повеќе од 230 милиони евра.

Челси со Давид Запакоста (Торино) и Дани Дринквотер (Лестер сити) кои ги доведе во последниот ден од рокот и со вкупно потрошени 195 милиони евра е на второ место, додека Манчестер јунајтед и Евертон потрошија по 157 милиони евра.

Најскапо засилување беше Ромел Лукаку кој од Евертон премина во Манчестер јунајтед за околу 85 милиони евра, а со дополнителните бонуси Белгијанецот ќе заработи повеќе од 100 милиони.

Другите „големи“ трансфери се 54 милиони евра вредниот премин на Кулеј Волкер од Тотенхем во Манчестер сити и оној на Жилфи Сигурсон од Свонси во Евертон за 45 милиони.