Рекорд: ФИФА заработи 6,1 милијарди долари

LinkSense.mk

На Светското првенство во Русија, кое се завршува утре, ФИФА според заработката ги собори сите досегашни рекорди. На нејзината сметка легнаа 6,1 милијарди долари, а сите главни трошоци ги превзеде домаќинот на шампионатот.

На овој Мундијал светската куќа на фудбалот заработи осум отсто повеќе од планираното.

За споредба, на првенството во Бразил пред четири години, ФИФА инкасираше 5,7 милијарди долари.

Главните приходи на светската фудбалска организација се од телевизиските права и од спонзорите, големите компании кои имаат реклами на стадионите.

Уште сега се знае дека ФИФА и домаќинот се задоволни од посетата. Од 62 одиграни натпревари на 34 се бараше карта повеќе. Трибините секаде беа исполнети до последното место. Посебно голема е посетеноста на стадионот „Лужњики“ во Москва каде што утре се игра финалната средба и на стадионот на Спартак каде што влезниците за секој натпревар биле продадени.

Од фудбалерите учесници на овој шампионат најмногу рекорди постави капитенот на селекцијата на Португалија, Кристијано Роналдо. Иако Португалците мораа да си заминат после осминафиналето, по поразот од Уругвај со 1:2, Роналдо ќе биде запишан меѓу рекордерите.

Тој на почетокот на првенството против Шпанија даде 3 гола и стана најстар фудбалер кој постигнал хет-трик на Мундијал. На денот на натпреварот Португалецот имаше 33 години и 131 ден. До тогаш тој рекорд го држеше Холанѓанецот Роб Ренсенбринк.

Роналдо е четвртиот играч кој настапил на четири светски првенства. Пред него тоа го направија Бразилецот Пеле и Германците Уве Зелер и Мирослав Клозе.

Освен тоа Роналдо е првиот играч кој успеал да биде стрелец последователно на четири светски и европски првенства.

Најстар учесник на Мундијалот во Русија е голманот на Египет, Есам Ел Хадри. Иако има 45 години, тој на средбата против Саудиска Арабија одбрани пенал. Претходно, најстар натпреварувач на светските шампионати беше колумбискиот голман Фарид Мондрагон кој имаше 43 години.

Спасиба

Амбициозните гости за изминатиот месец научиле многу зборови од рускиот јазик. Како што покажува истражувањето најмногу странци го научиле зборот „спасиба“ (благодарам).

Интересно е дека во Москва, домаќинот на првенството за гостите организираше курсеви за учење на рускиот јазик. Освен тоа, бил направен сајт на кој бил поставен речник и објаснување на главните спортски термини, но и зборови кои се користат во секојдневниот говор.