Рускиот гас ја „подели“ Европа

LinkSense.mk

Европа и Америка почнаа да бараат дополнителни извори за снабдување на европските земји со гас, поради загриженоста дека Москва би можела да користи гас како оружје. Како што пренесуваат западни медиуми, ЕУ е загрижена дека Русија своите природни ресурси ќе ги користи како оружје, со ограничување на испораката на гас, доколку Западот ја спроведе заканата со санкции кон Москва, во случај на руска инвазија на Украина. Сепак, поради зависноста на најголемата членка на ЕУ, Германија, од рускиот гас, Унијата има стеснети опции за санкции, особено поради тоа што ЕУ е поделена околу ова прашање.

Европската комесарка за енергетика, Кадри Симсон, изјави дека ЕУ разговара со партнерите за можноста за повисоки испораки на гас за Унијата, во време кога, според Ројтерс, пониските испораки на гас, за што е обвинета Русија, предизвикале скок на цените на енергенсите. Во Азербејџан и во Америка ќе разговара за тоа како да се зголемат испораките на гас во Европа, а Американците веќе почнаа преговори со Катар и други големи извозници на гас за да планираат вонредни мерки во случај, со наводната руска инвазија на Украина, да се наруши снабдувањето на Европа, пишува Фајненшл тајмс.

Шефот на Меѓународната агенција за енергетика, Фатих Бирол, минатата недела изјави дека Русија ги намалила испораките на гас за Европа во време на „зголемени геополитички тензии“. Експертите, меѓутоа, укажуваат дека во односот кон Русија постои разлика меѓу истокот и западот на Европа, наведува „Вашингтон пост“, а таа поделба поминува низ срцето на новата германска влада чии коалициски партнери не можат јавно да се договорат за унифициран став за украинската криза, затоа што социјалдемократите на Шолц имаат долга историја на топли односи со Русија, додека министерката за надворешни работи Аналена Бербок од Зелените зазема поцврст став.

Зависноста на Европа од рускиот гас е само еден од факторите што го спречуваат посилниот пристап на Европската унија кон Русија, посочува Вашингтон пост, кој оценува дека длабоките поделби меѓу европските земји спречуваат обединет одговор на Западот. Но, не постои едногласност за тоа кој е најдобриот начин да се одврати Русија од инвазија или какви мерки да се преземат во случај на напад на Украина. Трите најголеми европски сили, Германија, Франција и Велика Британија, имаат значително различни пристапи додека се соочуваат со внатрешно-политички прашања, укажува Вашингтон пост, додавајќи дека другите земји се на различни страни заради нивната географска близина со Русија, зависноста од Русија во поглед на снабдувањето со енергија и од историски причини.

 

 

 

 

 

(Фото: АП)