Советскиот космонаут Јуриј Гагарин (1934-1968), првиот човек во вселената, е глобален симбол на почетоците на вселенската ера. Еден од најпопуларните Руси на 20 век, со децении се слави и на Запад.
Но, руската инвазија на Украина, влијаеше на планетарната популарност на Гагарин бидејќи овој космонаут и воен пилот стана најновата цел на „културата на откажување“.
На пример, непрофитната американска вселенска фондација соопшти дека Ноќта на Јуриј, меѓународната манифестација која од 2001 година се одржува секој 12 април во чест на летот на Гагарин во вселената, ја преименувала во настан „Прослава за вселената: откријте што е следно“.
Понатаму, Стив Рекел, градоначалникот на градот Мондорф-ле-Бенс во Луксембург, нареди да се покрие споменикот на Јуриј Гагарин поставен во еден парк во 2018 година. Официјалното објаснување е дека на тој начин сакал да спречи вандалски напад бидејќи некои граѓани, револтирани од руската инвазија на Украина, барале споменикот да се отстрани. Но, пред неколку дена група граѓани ја тргнаа покривката од споменикот на Гагарин.
„Сметаме дека не е во ред што статуата е покриена. На крајот на краиштата, Гагарин нема никаква врска со она што моментално се случува во Украина“, изјавија граѓаните за локалните весници.
Јуриј Гагарин, син на столар од селото Клушно во регионот Смоленск, влезе во историјата кога стана првиот човек што ја видел Земјата од вселената. Во 9 часот и 7 минути по московско време, на 12 април 1961 година, Гагарин ги изговори познатите зборови „Ајде одиме!“ додека ракетата „Восток“, со него стиснат во мала капсула на врвот, се издигна над лансирната рампа на космодромот Бајконур во Казахстан.
Гагарин во својата капсула „Восток 1“ се искачи на максимална височина од 301 километар, еднаш ја обиколи Земјата и по 108 минути лет со падобран се спушти во провинцијата Саратов во централна Русија. По враќањето на Земјата, Гагарин беше поздравен како советски национален херој, но тој стана познат и ширум светот. Иако беше време на Студената војна, тој посети многу земји и Западот го пречека како херој.
Во многу градови по него се именувани улици и се подигнати споменици.
Јуриј Гагарин загина на 27 март 1968 година додека леташе со борбен авион МиГ-15 за време на рутински лет недалеку од Москва.
Постојат многу теории за причините за смртта на Гагарин и за смртта на пилотот Владимир Серугин, кој бил со него во авионот, вклучувајќи ја и онаа според која ликвидацијата на космонаутот била наредена од советскиот лидер Леонид Брежњев.
(Извор: „Јутарњи“)