Секој вторник директна линија Санкт Петербург – Скопје

Со пристигнување на првиот лет од аеродромот Пулково на Меѓународниот аеродром „Скопје“ денеска и официјално е воспоставена директната авиолинија Санкт Петербург – Скопје.

Авиолинијата на која ќе сообраќа руската компанија „Нордвинд“ е предвидено да биде еднаш неделно, секој вторник, со време на пристигнување во 13:35 часот и време на заминување во 14:40. Времетраењето на летот е три часа и 25 минути.

Овој распоред ќе важи до крајот на октомври, кога завршува летната сезона, а од 2 ноември годинава пристигнувањето на скопскиот аеродром ќе биде во 15:45, додека времето на заминување кон Пулково во 16:45.

Ова е втора директна линија кон Русија, по воспоставувањето на авио врската Скопје – Москва во јуни годинава.

На скопскиот Меѓународен аеродром моментно има летови кон 39 дестинации во Европа и светот, а на охридскиот кон 10 дестинации.

„Нордвинд ерлалнс“ е една од најдобрите седум руски компании. Нуди летови во повеќе од 200 дестинации. Компанијата врши превоз од 95 градови во 20 земји и има над 650 летови неделно. Околу 150.000 патници ги користат нејзините услуги секоја недела.

Во 2019 година, пред пандемијата „Нордвинд ерлјанс“ транспортирала скоро осум милиони патници. Авиокомпанијата оперира со 33 авиони „Ербас“ и „Боинг“.