Сергеј Лавров: „Буча требаше да ги ‘минира’ руско-украинските преговори!“

LinkSense.mk

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оцени вчера дека откривањето на телата во украинскиот град Буча е „провокација“ што требало да ги минира преговорите меѓу Киев и Москва кои се во тек.

Се поставува прашањето: Која е целта на оваа отворена провокација полна со лаги (…) Дојдовме до заклучок дека таа требаше да биде изговор за поткопување на преговорите“, рече Лавров во видеото објавено на руската телевизија.

Преговорите меѓу Украина и Русија продолжуваат. Минатата недела, по состанокот во Истанбул, Москва објави дека драстично ги намалува воените дејствија во северна Украина. Киев, од друга страна, достави предлози до Москва во кои бара меѓународен договор кој би го потпишале држави кои ќе ја гарантираат неговата сигурност.

Украина, за возврат би прифатила статус на „ненуклеарна“ и неутрална земја, би се откажала од членството во НАТО и од воспоставување странски воени бази на нејзина територија.

Москва, според овие украински предлози, не треба да се противи на влезот на Киев во Европската унија.

Кремљ се уште официјално не одговорил на овие предлози и преговорите продолжуваат преку видео-конференција.

Како што рече Лавров, ситуацијата во Буча треба „да го оттргне вниманието од преговарачкиот процес, да го оттргне вниманието од фактот дека украинската страна, по Истанбул, почна да се ‘враќа’ и се обидува да поставува нови услови. Сепак, тој нагласи дека Русија е „подготвена“ да ги продолжи преговорите.

Овие обвинувања доаѓаат во време кога меѓународната јавност е згрозена од откривањето на голем број трупови во Буча, по повлекувањето на руската армија. Киев го осуди рускиот „масакр“, а Москва негира каква било одговорност и тврди дека сето тоа е претстава која сигурно ќе се повтори.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)