Се огласи Лукашенко: „Се’ работам по закон!“

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко изјави дека се што направил во врска мсо инцидентот со „Рајан ЕР“ било во рамки на законот, според меѓународните правила, како и дека тоа го направил за да заштити човечки животи.

„Постапив по закон, штитејќи луѓе, во склад со сите меѓународни правила. Авионот го пренасочивме во близина на нуклеарната електрана. А, што ако целокупниот систем на нуклеарката го префрлевме во полн режим на борбена готовност?“, рече Лукашенко.

Исто така наведе дека екипажот на авионот на компанијата „Рајан Ер“ бил во постојан контакт со аеродромот во Вилнус, но дека капетанот на леталото, сепак, одлучил да слета во Минск.

Авионот на „Рајан Ер“, кој леташе од Атина за Вилнус, принудно слета на 23 мај на аеродромот во Минск поради соопштението дека во него има поставено бомба, по што на лице место беа испратени деминери.

Информацијата за минирањето не е потврдена, а Истражниот комитет на Белорусија соопшти дека покренал кривична постапка заради лажно пријавување за поставена експлозивна направа.

Белоруските активисти за човекови права соопштија дека основачот на каналот „Некста“ на Телеграм, кој во Белорусија се смета за екстремистики, Роман Протасевич, летал со овој авион и дека бил приведен при проверката на документите на аеродромот во Минск.

Протасевич во оваа земја е ставен на списокот на лица вмешани во тероризам. Против него има постапка по неколку основи, вклучувајќи и за „организирање на масовни немири“. Нему му се заканува казна затвор до 15 години.

Праксата за принудно слетување на авион се случувала и порано. Најзначаен случај било присилувањето на авионот на боливискиот претседател Ево Моралес да слета во Виена во 2013 година. Причината за тоа беа гласините дека заедно со претседателот во авионот се наоѓа и поранешниот агент на ЦИА, Едвард Сноуден, кој во Соединетите Американски Држави е обвинет за одавање на државни тајни.