Се тргна надолу: Доларот слабее, цените на нафтата паѓаат

LinkSense.mk

Американските акции паднаа на отворањето на денешното тргување под притисок на зголемениот број заразени со „омикрон варијантата на ковид и можниот дебакл на Законот за инвестициска потрошувачка во САД со вредност од 1,75 билиони долари, а цените на нафтата паднаа за повеќе од 5,0 отсто.

Американските берзански индекси паднаа за повеќе од 1,0 отсто, затоа што бројот на ковид позитивни се зголемува, што ги натера Велика Британија и другите европски земји да разгледаат нови рестриктивни мерки за да го запрат ширењето на вирусот, пренесе Ројтерс.

Индустрискиот индекс Дау Џонс (Dow Jones) падна за 1,85 отсто, на 34.711,73 поени, СиП 500 (S&P 500) е во минус за 78,78 поени, или 1,70 проценти, на 4.541,86 поени, а технолошкиот Насдак Композит (Nasdaq Composite) потона за 1,58 отсто, на 14.929,96 поени.

Европските берзи, исто така, денот го затворија со пад, па така паневропскиот индекс ЕуроСтокс 600 (EuroStox 600) ослабна за 1,4 проценти, лондонскиот ФТСЕ (FTSE) за 0,99 отсто, германскиот ДАКС (DAX) за 1,88 отсто и францускиот КАК 40 (KAK 40) за 0,82 отсто.

Индексот МСЦИ (MSCI), кој ја мери вредноста на акциите ширум светот, загуби 1,76 отсто од својата вредност.

Во текот на минатата недела и викендот имаше троен удар врз економија на Соединетите Американски Држави – омикрон, ФЕД и симнување на фискалната иницијатива од дневниот ред. Зададен е удар на пазарот на капитал. Мислам дека инвеститорите ги проценуваат начините за економско ресетирање“, рече Џек Аблин, главен инвестициски директор во „Кретсет Капитал Менаџмент“ (Cretset Capital Management).

Предлог-законот на американскиот претседател Џо Бајден за инвестирање во инфраструктурата е доведен во прашање, бидејќи сенаторот Џо Манчин, умерен демократ, во неделата рече дека нема да го поддржи тој фискален пакет. По изјавата на Манчини, Голдман Сакс ја намали прогнозата на реалниот раст на БДП на Соединетите Американски Држави за првиот квартал од 2022 година, од 3,0 отсто на 2,0 отсто на годишно ниво.

Покрај тоа, американските Федерални резерви минатата недела одлучија побрзо да ја прекинат програмата за поттикнување од ерата на пандемијата, при што најавија и зголемување на каматните стапки за најмалку три четвртини процентни поени до крајот на 2022 година. Инвеститорите, исто така, стравуваат дека новите мерки за ограничување ќе влијаат на побарувачката за гориво, поради што цените на нафтата денеска нагло потонаа.

Американската сурова нафта ВТИ (WTI) падна за 6,35 отсто, на 66,36 долари за барел, а северноморската сурова нафта Брент (BRENT) падна за 69,59 долари за барел, што е пад од 5,35 проценти на дневно ниво.

На девизните пазари, доларот денеска се наоѓаше под притисок бидејќи приносите на американските државни должнички хартии од вредност паднаа.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошничката на ривалите, ослабе за 0,2 отсто, на 96.388 поени.

Приносот на тригодишните благајнички записи на Соединетите Американски Држави се лизна за 3,5 базични поени на утринското тргување, на 0,891 отсто, информираше Ројтерс.