Членките на НАТО денеска и утре се состануваат во Брисел за да разговараат за поддршката на украинските воени напори и својата обврска да одвојат два отсто од својот бруто домашен производ за одбрана.
Состанокот денеска не е официјален настан на самиот НАТО, туку собир на сојузниците кои ја поддржуваат Украина, а кој го организираа Соединетите Американски Држави.
Вистинската средба на министрите на земјите членки на Алијансата ќе биде утре.
Разговорите во седиштето на Сојузот во Брисел ги засени поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, кој во саботата на своите приврзаници на предизборниот митинг им рече дека ќе ја „охрабри“ Русија „да им прави што сака“ на земјите-членки на НАТО кои не трошат доволно на одбраната.
Земјите-членки од 2006 година се согласија да издвојуваат два отсто од својот БДП за одбрана, но само неколку од нив го постигнаа тоа.
Откако Русија ја прошири својата инвазија од Крим и Донбас на остатокот од украинската територија во февруари 2022 година, земјите-членки на НАТО, најмногу во тоа се истакна Германија, ја потврдија својата посветеност за постигнување на целта од 2006 година. Германскиот Бундестаг усвои државен буџет со кој во 2024 година ќе се издвојат два отсто од БДП за одбраната.
Целта на дискусиите утре е да се обидат да охрабрат повеќе сојузнички земји да ги исполнат своите обврски.
Исто така, ќе се разговара и за пристапувањето на Шведска во Алијансата, кое заглави откако унгарскиот парламент не ја ратификуваше одлуката за тоа, и покрај ветувањето на владата на премиерот Виктор Орбан дека Унгарија нема да биде последната земја-членка што ќе го ратификува членството на Шведска.