Со новите тестови побрзо ќе се добиваат резултатите, лекот „Ремдесивир“ за болничко лекување, најави Филипче

Двеста и педест дополнителни термини за тестирање за Ковид-19 се пуштени и верувам дека со новите брзи тестови од 15 минути ќе се смени ситуацијата околу добивањето на резултатите од тестирањето, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

– На почетокот на минатата недела увидовме дека практично сите термини во понеделникот за цела недела се пополнија за кратко време и се пуштија 250 дополнителни. Меѓутоа, јас верувам дека и со овие нови брзи тестови ситуацијата околу тестирањето ќе се смени и за многу кратко време пациентите ќе ги имаат резултатите. Тоа е нешто што е сега новина насекаде во Европа, ако е брз тестот од 15 минути на на лице место каде што се зема и си се добива резултатот, рече Филипче.

Тој посочи дека секогаш интервенираат со дополнителни термини таму каде што треба, но, понекогаш, како што рече и тие дополнителни термини можат да го одолговлекуваат времет на добивање на резултатот.

Филипче на новинарско прашање истакна дека лекот „Ремдесивир“ за лекување на вирусот Ковид-19 го има и во Македонија, но не е за широка употреба, туку се употребува само за болничко лекување.

– Мора да имаме во предвид дека овој тип на терапија се дава во болнички услови и дека е лек што се дава под строга индикација на една од формите на болеста која што може да се манифестира кај пациентите, но не кај сите. Ние го имаме лекот „Ремдесивир“ и лекот „Фавипиравир“.

Со помош на кредит од Светска банка, кога ќе помине законот во Собрание ќе се купи дополнителна количина за целата следна 2021 година. Но, ова не се лекови кои што се даваат надвор од болница, рече Филипче.