Србија оди на СП во Катар: „Орлите“ во 90 минута ги нокаутираа Португалците

LinkSense.mk

Фудбалската репрезентација на Србија оди на Светското првенство. Тоа е епилогот од вечерашниов натпревар во Лисабон, каде што после пресврт ја победи Португалија со 1:2 и, со гол на Александар Митровиќ во последната 90 минута, како прва во групата стекна право во 2022 година да игра на Мундијалот во Катар.

Иако селекторот Драган Стојковиќ – Пикси ја промени вообичаената формација, и наместо со двајца шпиц играчи заигра само со еден напаѓач, Влаховиќ, одбраната релативно брзо се консолидираше после недосудениот прекршок над Гудељ и голот што на самиот почеток, во 2 минута, го постигна Ренато Санчез и ги воодушеви домашните навивачи на стадионот на Бенфика.

Душан Тадиќ, капитенски, ја организираше играта на средината на теренот, Филип Костиќ константно се закануваше по левата страна, Андрија Живковиќ се „изнаработи“ по десната, Сергеј Милинковиќ ги издржа сите дуели со португалските играчи за врска, а Влаховиќ се закануваше од минута во минута, погодувајќи ја и стативата во дванаесеттата минута.

Португалците од време на време успеава да се заканат ако им се укажеше и најмала шанса во дводелниот бедем на српската репрезентација.

Сепак, од српскиот голман, Рајковиќ, позагрижен беше Руи Патрисио, кому му немаше спас во 33 минута, кога ударот на Тадиќ од работ на шеснаесетникот го измами и топката заврши во неговата мрежа.

Од тоа изедначување, „орлите“ се разлетаа по теренот, капитенот Тадиќ се обиде уште еднаш, проба и Влаховиќ со глава, имаше и други возбудувања, но од сето тоа ништо, на одмор се замина со нерешен резултат 1:1.

Вториот дел од натпреварот не донесе толку возбуда, затоа што и едните и другите гледаа да ги „закрпат“ воочените пропусти, а за такво нешто, во натпревар од голема важност, важно е отсуството од брзање. Португалците се определија за повнимателно дефанзивно внимание, а Србите со влегувањето на Митровиќ како втор шпиуц играч тргнаа во потрага по голот што води во Катар. „Орлите“ имаа подобри прилики и токму преку Александар Митровиќ успеаја во својата намера.

Душан Тадиќ после „скратен корнер“ центрираше од десната страна, а кај подалечниот агол од петерецот највисок во скокот беше Митровиќ, кој со глава испрати неодбранлива „жабица“. Топката се одби од земјата и заврши во мрежата на домаќините, со што почна големото славје, кое неколку минути подоцна стана уште поголемо затоа што со победата Србија директно помина на Светското превенство.