Средба Пендаровски-Линхард, сојузен министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија

LinkSense.mk

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Михаел Линхарт, сојузен министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше оценето дека Северна Македонија и Австрија негуваат традиционални врски и пријателство со отворен и интензивен дијалог, со интерес за натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката.

Во контекст на аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски изрази благодарност за континуираната, отворена и силна поддршка од Република Австрија за неодложно отпочнување на пристапните преговори за членство.

Претседателот Пендаровски истакна дека нашата држава продолжува со реализацијата на домашната реформска агенда, со фокус на владеење на правото, јакнење на ефикасноста и непристрасноста на судството и борбата против корупцијата. Претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето за деблокада на интегративниот пат, што е во интерес на стабилноста и напредокот на целиот регион.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката од Австрија за нашата држава во справувањето со последиците од пандемијата, а особено за координацијата на процесот на дистрибуција на вакцини од Европската Унија.

На средбата беа разменети мислења за економската соработка и трговската размена, при што беше оценето дека постојат потенцијали за зголемување на севкупната трговска размена, имајќи предвид дека Австрија е на врвот на листата странски инвеститори во Северна Македонија.