Сто години БиБиСи: Неизвесна иднина и конкуренција од стриминг услугите

LinkSense.mk

Глобалниот медиумски гигант Британската радиодифузна корпорација (Би-Би-Си) денеска ја прославува својата 100-годишнина од постоењето, со поглед на славното минато, но неизвесна иднина.

Би-Би-Си се етаблираше како еден од британските највидливи и најценети светски брендови со својата изворна мисија да „информира, едуцира и забавува“.

Телевизиската куќа секоја недела допира до 492 милиони луѓе ширум светот, се наведува во годишниот извештај на корпорацијата за 2021/2022 година.

Би-Би-Си Светскиот сервис (BBC World Service) емитува на 41 јазик за околу 364 милиони луѓе неделно низ светот.

„Цел еден век, Би-Би-Си е светилник на веродостојни вести и програми во светот, како и дел од структурата на Обединетото Кралство и една од неговите клучни институции“, рече генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, за историската годишнина.

„Тоа беше приказна за посветеност на јавниот сервис – на што и денес во Би-Би-Си се целосно посветени“, додаде тој.

Речиси седум милиони луѓе секој ден го почнуваат со следење на програмата „Денес“ на Би-Би-Си Радио 4 (BBC Radio 4), која често го одредува политичкиот дневен ред.

Шоуто „Танцувај со ѕвездите“, кое ги спојува познатите личности со професионални танчери, веќе 20 години преку викендот ги привлекува гледачите на екраните и е телевизиска програма за која најмногу се зборува.

Сериите на Би-Би-Си имаат светска популарност.

Сепак, јубилејот доаѓа во неизвесно време, во период исполнет со исклучителни финансиски скратувања и со смена на навиките на гледачите, поттикнати од дигиталната револуција, па се поставува прашањето за нејзината иднина.

Владата во јануари објави дека ќе ја замрзне ТВ таксата на Би-Би-Си на две години.Годишната наплата за домаќинствата со телевизор сега е 159 фунти.

Финансиската состојба е придружена со егзодус на помладата публика кон платформите за стриминг, предизвикувајќи прашања зошто тие треба да продолжат да ја плаќаат таксата за Би-Би-Си.

Но, претседателот на Би-Би-Си, Ричард Шарп, вети дека Би-Би-Си „ќе информира, едуцира и забавува уште еден век“.

„Би-Би-Си денес има сто години – времето е за славење, но и за прифаќање на иднината“, рече Шарп.

„Верувам дека најдобрите денови се пред нас. Секогаш воведувавме иновации, менувавме и се прилагодувавме“, додаде тој.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: Ројтерс)