Судот не му дава право на лекување на 78-годишен затвореник

LinkSense.mk

Седумдесет и осумгодишниот Борис Кусиников од Гевгелија, осудено лице кое издржува казна затвор во „Идризово“, е во лоша здравствена состојба. Моментно тој, со решение од Управата за извршување санкции, е на едномесечен прекин на затворската казна.

Во меѓувреме, осуденикот Кусиников, обвинет за две кривични дела обид за убиство и предизвикување општа опасност и осуден на 7,5 години затвор, побарал од надлежниот судија за извршување санкции да донесе одлука прекинот да му се продолжи, затоа што судејќи според дијагнозата што му е поставена неминовен е оперативен зафат.

Патем, Борис преку неговиот адвокат бара да му биде дадена на увид медицинската документација врз основа на која е донесено решението за прекин на издржувањето на казната.

Зошто судот во Гевгелија безмалку еден месец по поднесеното барање не му дозволува да ја разгледа документацијата останува енигма. Семејството на Борис се сомнева во матни игри што ги правеле судиите.

Случајов од самиот почеток го следат многу контроверзи. Оружјето со кое Кусиников, наводно, извршил убиство во обид на две лица и со кое предизвикал општа опасност остана енигма. Пиштолот, за кој обвинетиот тврдел и тврди дека не бил вистински, туку дека бил плашливец, не е најден. Дополнително, целата постапка имала и низа други пропусти. Сепак, судиите експресно го осудиле Борис и го пратиле во „Идризово“.

Стравувањата на семејството на Кусиников дека, како што велат, „нешто лошо му се подготвува“ се големи. На 1 јуни, гевгелиската судијка за извршување санкции Билјана Делова Николова донесе решение со кое барањето на осуденикот за продолжување на прекинот на казната се отфрла како неосновано, и тој на 8 јуни мора да се врати во затвор. А, денеска, пак, има лекарски преглед заради сериозни проблеми со срцето.

Како ќе биде опериран, ако тоа мора да биде направено? Дали после евентуалната операција на срцето ќе се рехабилитира во „Идризово“ каде што не постојат минимални услови за лекарски третман? Кој ќе биде виновен ако му се случи нешто? Сиве овие прашања деновиве ги мачат Кусиникови кои не се откажуваат од барањето правда.

 

 

 

 

 

 

(Фото: „Плусинфо“)