Суперкамера: Станувате препознатлив меѓу 10.000 луѓе

Кинеските научници развија моќна камера која може да идентификува одредена личност меѓу неколку десетици илјади луѓе на улица или на спортски стадион, пишува британски Телеграф.

Експерти од Универзитетот „Фудан“, во соработка со Оптичкиот институт Чангчун, измислија камера од 500 мегапиксели.

Станува збор за камера чија резолуција содржи петпати повеќе детали од човечкото око – по висината на резолуцијата ја надминува само камерата од 570 мегапиксели од една чилеанска опсерваторија, чија цел е набљудување на најодалечените галаксии.

Камерата што ја измислија кинеските научници ќе биде искористена за видео надзор, и веќе ги доби првите пофалби од кинеските државни медиуми заради апликациите со кои ќе се служат кинеската војска и безбедносните институции.

Технологијата на препознавање на лица во комбинација со следење на поединци во стварно време дава допринос на надзорната мрежа со која Кина ги бележи податоците за сите свои граѓани.

Се проценува дека Кина моментно има 170 милиони надзорни камери, односно една на секои 12 луѓе, што нејзината технологија на надзорен хардвер и софтвер ја прави една од најразвиените во светот, наведува британскиот „Индипендент“.

Со цел следење на своите граѓани, Кина минатата година разви технологија за препознавање на одот, која може да го идентификува поединецот на оддалеченост од 50 метри само набљудувајќи ги неговите движења.

Тука е и програмата „птици шпиони“. Јато роботски птици со камери од воздух снимаат луѓе.

Здруженијата за човекови права ја критикуваат надзорната технологија која кинеската држава ја применува на своите граѓани, наведувајќи дека станува збор за тешко кршење на личната слобода.