Трибина на МТФ „Војдан Чернодрински: Да се врати публиката на претставите

LinkSense.mk

-Ќе бараме на претставите да имаме барем 50, а не досегашните 30 насто публика Безбедно е за публиката која е со маски и на дистанца. Ова беше побарано од денешната трибина во рамките на 55 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп.

Според Катарина Коцевска Хаџивасилева, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ пандемијата многу го погоди Театарот, а за уметноста која е „воживо“ пресудна е публиката и з аументичко и за финансиско опстојување.

-Пандемијата многу го погоди Театарот. Не велам дека сме најпогодени, но многу се одрази. Нашата уметност е „во живо“, актерите се соочени со жив контакт. Се обидовме да играме со маски, но е многу проблематично.

Сакам со директорите на театрите да најдеме решение. Тврдам дека публиката е најбезбедна во театарот. Со самото тоа дека седат на дистанца, носат маски и не зборуваат за време на претставата. Сите театри имаат протокол со проверка на температурата, покажување сертификат за вакцинација. Од лично искуство, посетив два-три фестивала во Регионот и таму, со сите протоколи, беше дозволено за фестивалите да има сто насто публика. Сите фестивали завршија без проблем. Сакам, заедно со директорите на театрите, да покренеме иницијатива, да побараме да ни се
дозволи на претставите да имаме, барем 50 насто публика, зашто со 30 насто публика ние не можеме да функционираме. Претставите ќе течат, но финансиски станува голем проблем за театарот, вели Коцевска Хаџивасилева.

Театрите се соочуваат и со други проблеми – заштитата на актерите од Ковид.

-Се соочуваме и со проблеми од типот: не можеш никому да наредиш да се вакцинира и ќе се појави проблем кога актер кој ги примил двете дози и актер кој не се вакцинирал играат заедно. Може да дојде до ситуација актерот кој се вакцинирал да рече дека не е безбеден со партнерот на сцената кој не е вакциниран. Со малку публика и доколку сами треба да ги плаќаме тестовите, станува невозможно и финансиски неодржливо. Овде, на Фестивалот, е вистинското место да се дискутира на оваа тема со големи проблеми зашто учествуваат 13 театри, смета Коцевска Хаџивасилева.

Актерот Драган Спасов-Дац ја нагасува „насушната потреба“ од публика на претставите.

-Најголемиот проблем е што не знаеме што да правиме. Најтешко им е на актерите, зашто оваа професија бара публика. Порано, ако имаше 30 насто или помалку публика, ние не игравме претстава. Билетите им ги префрлавме за следната претстава кога ќе се собере повеќе публика.

Друго е кога има публика. И текстот и претставата многу подобро „звучат“.

Требаше нешто да се направи за на Фестивалот да има повеќе публика. На театарот му треба публиката. Губиме сите, зашто театарот е убав кога е полн. Убаво е кога се полни салите, кога аплаудираат, а ние, актерите, се поклонуваме долго, вели Драган Спасов-Дац.

Театрологот од Србија, и член на фестивалското жири, Александар Милосављевиќ, смета дека најголем проблем е опстанокот на Театарот во ова ново нормално време.

-Не знам како е овде во Македонија, ама гледам дека организаторите на Фестивалот се потрудија и направија сѐ за публиката да се чувствува безбедно. Ние имавме фестивали, организирани со 100 насто публика, а имаме и фестивали со 50 насто публика и досега не знам ниту еден случај каде жариште бил театарски фестивал. Но Фестивалите се исклучок, а тука се води многу сериозна битка. Битка за преживување на театарот. Како, во услови на нова нормалност, кога сите одиме секаде со маски, постојано ни ја мерат температурата, држиме дистанца, како да се одржи театарскиот живот? Нема да говорома за тоа колку театарот е значаен. Имам впечаток дека во Србија, државата не е заинтересирана за Театарот. Намалувајќи ги капацитетите, применувајќи одредени мерки, државата како да сака да се ослободи од Театарот. Истовремено, во Србија гледаме концерти за неколку илјади луѓе, во затворено каде никој не носи маска. Имам впечаток дека мерките се најчести и најригорозни во театрите. Што ќе се случи со општеството, говорам за Србија, а мислам дека се однесува и за Македонија и за сите земји во Регионот, и во целиот свет, ако Театарот, во услови на новата нормалност, стане одвишен, ако луѓето се одвикнат од Театарот, а актерите глумат само во ТВ серии и во филмови. Што ќе се случи со културата на тие нации? Затоа мислам дека секоја театарска заедница, во која било земја мора енергично да се бори за тоа, со примена на сите околности кои ги пропишува медицината да го одржи театарот во живот. Бидејќи, еднаш ако го загубиме театарот, ќе загубиме голем дел од нашата култура, анализира театрологот Александар Милосављевиќ од Србија.

На МТФ „Војдан Чернодрински“, од 13-те се одиграни четири претстави.

Една, на кумановскиот театар, е одложена поради болест на актер. Вечер на репертоарот се претставите: „Мурлин Мурло“ на албанскиот театар во режија на Кристина Димитрова и „Херои 04:33“ на велешкиот театар во режија на Деан Дамјановски.

 

 

 

ИЗВОР: МИА