Уметници насликани на мурал во Кавадарци за 30 години независност на државата

– Чемерски, Бадев и уште петмина други уметници се насликани на мурал во строгиот центар на Кавадарци.

Покрај ликовниот уметник Глигор Чемерски и доајенот на македонската народна песна, Никола Бадев, на муралот во центарот на градот се претставени и ликовните уметници Петар Мазев и Симон Шемов, музичките уметници Васил и Зафир Хаџиманов, како и публицистот Иван Мазов-Климе.

Автори на муралот се уметниците Никола Иваноски и Симона Манчева.

-Проектот е финансиран од Владата и е спроведен во соработка на Фрагмент Комуникации, Студио КР7 и КСП ПОДИУМ – ЈАДРО Кавадарци, рече Манчева, појаснувајќи за МИА дека Кавадарци е дел од поголемиот проект, во кој, со вакви мурали на кои се претставени истакнати културни дејци, се одбележува 30 години од независноста на државата.

Проектот е насловен „Градиме култура, сликаме култура – мурали за 30 години независност”.

-Темата на муралот е, дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на творештвото, културата, уметноста, литературата,музиката, образованието, спортот и други истакнати личности кои имаат директен придонес во развојот на државата, или придонеле во создавањето или во зачувувањето на културното
наследство, додаде Манчева. Муралот се уште е во изработка.

-Овој мурал зборува за значајноста на кавадаречките дејци на македонската и интернационалната културна сцена и за потребната соработка и комуникација меѓу уметниците, рече Манчева.

Тој веќе го краси ѕидот на зградата, во која, меѓу другото, се сместени Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ и библиотеката „Феткин”.