Со 10 гласа „за“ и седум „против“ денеска на собраниската Комисија за уставни прашања помина предлогот за уставни измени. Предлогот сега ќе оди на собраниска седница, закажана за 18 август. За да се усвои потребата од носење на уставни измени потребно е двотретинско мнозинство.
Предлогот пред Комисијата го образложи премиерот Димитар Ковачевски. Вметнувањето на Бугарите во Уставот, како и на уште неколку етнички заедници, истакна тој, било поради зајакнување на правата на заедниците поради усогласување со Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.
„Уставноправната поставеност и традиција на Македонија во која се афирмира јазичниот, верскиот и културниот идентитет на сите заедници во нашата земја започна уште во државноправните традиции наведени во Крушевската република и во одлуките на АСНОМ. Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска. А, дали ќе се случи пак годинава, вие во парламентот ќе одлучите. Европските претставници предупредуваат дека постои ризик од одвојување на Македонија и Албанија ако пред крајот на годината не се усвојат уставните измени. Тие не се диктат, туку дел од преговарачката рамка со ЕУ“, рече Ковачевски.
На денешната седница на Комисијата, „против“ гласаа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група, истакна дека тие не прифаќаат уставни измени под диктат, притисок и наметнувања и оти тие никогаш нема да ги поддржат, затоа што тоа, според него, било директно кршење на суверенитетот на една земја. Суверенитетот, рече, оти произлегувал од народот, а мнозинството од народот не биле за какви било уставни промени.
Предлогот предвидува интервенција во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот.
При набројувањето на народите во нашата држава, „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, се бришат зборовите „и другите“, а после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.







