Франција на девето небо: Само чекор до трофејот

LinkSense.mk

Французите уште еден чекор и ќе ги дофатат ѕвездите. Победата против Белгија, која имаше најсилен напад на Светското фудбалско првенство, им даде надеж дека подмладената екипа ќе им ја донесе толку очекуваната втора титула.

Целата нација не спиеше многу во ноќта меѓу вторникот и средата. Се славеше во целата земја како пехарот веќе да им е во рацете, а колкава беше еуфоријата покажува и предлогот на еден фудбалски фанатик, дека плоштадот кај Триумфалната порта треба да го смени името, што во ноќта на славењето беше јавно прочитано на телевизија. Наместо досегашното име на плоштадот „Етоал“, односно „Ѕвезда“, од сега тој да биде преименуван во „Две ѕвезди“ ако „триколорите“ го освојат пехарот во Русија, а пак некогаш во иднина кога ќе се освои третата шампионска титула да му се врати некогашното име „Де Гол“, поради асоцијација на три генералски ѕвезди…

И додека нацијата славеше пеејќи победнички песни, француските репрезентативци во Русија имаа помирен ритам. После меѓусебните честитки во соблакувалната, тие успехот против Белгија го прославија на свечена вечера со нивните најблиски, со девојките сопругите, родителите, браќата, сестрите… Во хотелските соби влегоа дури во два часот после полноќ.

Вчерашпниот ден беше предвиден само за лесни вежби, истегнување и одмор, особено за оние кои го понесоа најголемиот товар во полуфиналето.

Од денес „троколорите“ се враќаат на сериозни подготовки за најважниот дуел на оваа генерација. Опуштање нема затоа што никој не сака да се повтори киксот против Португалија од пред две години кога на Европското првенство, на домашен терен, Едер во 109 минута ја растажи цела Франција.

Селекторот и другите во стручниот тим ја истакнуваат зрелоста на екипата која се огледа во однесувањето на теренот, но и во изјавите после натпреварите. Иако се меѓу најмладите на ова Светско првенство, Французите, предводени од неверојатниот Мбапе, пленат со смиреност и со пораките дека цврсто стојат со нозете на земја, се додека конечно не го подигнат пехарот.