Хит-серијата „конститутивната собраниска седница“ продолжува в понеделник

Собраниската седница денеска продолжи со процедурални забелешки. ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека правото на пратениците за збор е уставно, деловнички загарантирано и не може никој да го одземе, додека СДСМ го нарече узурпација на функцијата претседавач неставањето на нивниот предлог на гласање.

Илија Димовски сугерираше да се намали тензијата, да се почитува процедурата, да не се одзема правото на никого.

„Да ја завршиме оваа точка, да ја избереме Комисијата за избори и именувања и потоа да преминеме на четвртата точка“, рече Димовски.

Антонио Молошоски апелираше да се почитува Деловникот и на членот 80 каде што правото на збор и говор на пратеникот е посилно, рече, од кое било друго право.

„Правото на пријавениот за збор или реплика е посилно од правото на некој по избори да се договори со некој друг за некаква платформа. Ако некој во Собранието имаше право да молчи со одредена цел без да биде укорен од никого, дозволете ни нам да зборуваме, да го кажеме своето мислење“, истакна Милошоски.

Чувствителноста, оцени тој, била многу зголемена, и кај граѓаните и кај медиумите и кај политичарите.

„Како Собрание, како претставници на народот, да не долеваме масло на огнот, да не ја правиме состојбата уште покомплицирана“, истакна Милошоски.

Според Владимир Ѓорчев, јасна била намерата на СДСМ, да им се скрати правото на пратениците пријавени за збор.

„Зошто никој досега не направи вакви варијанти на прекинување дискусии и менување точки 27 години наназад? Затоа што не постои таква можност, затоа што тоа не е деловнички“, рече Ѓорчев.

Радмила Шекеринска ги отфрли обвинувањата и ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дозволат, како што рече, Македонија да оди понатаму.

„Одбивањето да се стави легитимен предлог на гласање е узурпација на оваа фотелја“, рече Шекеринска, покажувајќи притоа кон Вељаноски.

Процедурално за дискусија се јавија и Владанка Авировиќ, како и Трајчо Димков кој го нарече предлогот на СДСМ насилен упад во демократијата.

„Обидот да се одземе правото на говор е досега невиден во македонската парламентарна демократија. Зошто во недостиг на аргументи секогаш се обидувате на сила да ги решавате работите, кому сакате да наштетите“, праша Димков и апелираше СДСМ да ја преиспита одлуката за прифаќањето на, според него, антимакедонската платформа.

Седницата ќе продолжи в понеделник во 11 часот.