Холандските пратеници усвоија вчера со мнозинство гласови предлог на закон со којшто се забранува носење муслимански бурки на некои јавни места како што се училиштата, болниците и јавниот превоз.
„Законот е изгласан“, рекла претседателката на долниот дом на парламентот Кадиџа Ариб, откако парламентот го усвои владиниот предлог со 132 гласа од вкупно 150 во тоа законодавно тело.
Според текстот којшто во мај го најави владата на либералниот премиер Марк Рут, се предвидува забрана за носење облека која го крие лицето во зградите за настава и за здравствена заштита, зградите на владата и во јавниот превоз.
Кршењето на законот е казниво со парични казни до 405 евра.
Законот уште треба да го изгласа горниот дом, Сенатот.
Забраната не се однесува на носење бурки на улица и се применува само во „специфични ситуации кога е важно луѓето да можат да се видат, или од безбедносни причини“, рече премиерот Марк Рут во мај и даде уверувања дека предлогот нема „никакви верски корени“.
Во првата влада на Рут од 2010-2012 година беше изгласан закон за општа забрана за носење бурки, но не стапи на сила затоа што падна владата.
Од сегашната влада на чие чело е Рут, составена од либерали и лабуристи, наведуваат дека засега нема причини да се забрани носењето на бурки и на улица.
Европскиот суд за човекови права заклучи во јули 2014 година дека забраната за носење на интегрален исламски вел (бурки, никаба) усвоена во 2010 година во Франција не ги крши верските слободи.
Забрана за носење на бурки е усвоена и е на сила во Белгија, Бугарија и некои швајцарски региони.