Хрватска во финалето на Мундијалот: „Коцкестите“ ја победија Англија

LinkSense.mk

Фудбалската репрезентација на Хрватска се пласираше во финалето на Светското првенство, откако вечерва во Москва ја победи селекцијата на Англија со 2:1 после продолжетоци.

Англија на стадионот Лужњи поведе со голот на Киран Трипиер во петтата минута од слободен удар, но Хрватска со погодоците на Иван Перишиќ во 68 и Марио Манџукиќ во 109 минута стигна до најголемиот успех во историјата.

„Коцкестите“ за титулата првак на светот ќе се борат против Франција.

Натпреварот почна одлично за Англија затоа што тие стигнаа до предност многу рано, во 5-та минута од средбата. Лука Модриќ на дваесетина метри од голот направи прекршок, а слободниот удар сјајно го изведе Трипиер и неодбранливо стрелаше во мрежата на Даниел Шубашиќ за 1:0.

До крајот на првото полувреме двете репрезентации има свои прилики. Најдобрата шанса за Англија ја имаше Џеси Лингард во 36 минута, кога остана сам на работ на шеснаесетникот но лошо шутираше и топката отиде високо над голот. На другата страна прилика да донесе изедначување на Хрватска имаше Анте Ребиќ.

Сепак, изедначувањето дојде во 68 минута со голот на Перишиќ. Шиме Вршаљко убаво нафрли од десната страна, а Перишиќ најдобро се снајде во казнетиот простор на Англичаните и ја испрати топката зад грбот на Пикфорд.

Само четири минути потоа „коцкестите“ можеа да поведат, повторно во добра прилика се најде Перишиќ, но сега ја погоди само десната статива. Во 82 минута шанса да и донесе водство на својата репрезентација имаше и Марио Манџукиќ, но Пикфорд одбрани.

Резултатот не се промени во 90-те минути, заради што се играа продолжетоци.

Англичаните делуваа подобро во првото продолжение, беа поагресивни, а најдобрата шанса ја пропушти Џон Стоунс. Тој највисоко скокна на уфрлувањето од корнер и со глава ја упати топката кон небранетиот дел од голот на Шувашиќ, но Врсаљко спречи таа да влезе во голот.

Во последната минута од првото продолжение прилика имаше Манџукиќ, добро втрча во канетиот простор и шутираше, но голманот на Англија одбрани.

Тоа што тогаш на Манџукиќ не му појде од рака, му успеа на почетокот на второто продолжение, во 109-та минута. Перишиќ со глава ја испрати топката во шеснаесетникот на Англичаните, а таму најдобро се снајде Манџукиќ и ја затресе мрежата на „Гордиот Албион“ за големо славје на својата екипа.

Финалето Хрватска – Франција е на програмата во недела од 17 часот на стадионот Лужњики.

Еден ден пред тоа, во Санкт Петербург, во натпревар за третото место ќе се сретнат Белгија и Англија.