Царовска и Шекеринска на средба со ученици олимпијци по информатика, ќе се имплементираат нивните препораки во образованието, а МО ќе доделува стипендии

Министерките за образование и наука Мила Царовска и за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретнаа и ги слушнаа искуствата на ученици од основно и средно кои освоија медали на меѓународни олимпијади по информатика.

Царовска нагласи дека сите препораки што ги добиле денеска ќе се обидат да ги
имплементираат и во основно и во средно образование, а Шекеринска најави дека од почетокот на 2021 година МО ќе почне да стипендира млади кои студираат и се образуваат за т.н. критични специјалности за Армијата.

Министерката Царовска изразувајќи задоволство од разговорот со овие ученици, посочи дека слушнала што е тоа што треба да се промени во образовниот систем, но и колку повеќе треба да се вложи во нив за, подвлече, да имаме одличен резултат не само како поединци кои освојуваат награди на олимпијади, туку да се подигне нивото на знаење и квалитет во образованието кај сите ученици во нашата држава.

„Секој медал позади себе носи макотрпна работа многу знаење и мнгу посветеност за секој од нив“, изјави по средбата министерката Царовска.

Шекеринска, пак, потенцирајќи дека овие млади и покрај се успеале да се пласираат и себе и државата и на европско и на светско ниво, рече дека тоа покажува оти имаме потенцијал, а тој потенцијал мора повеќе да го помагаме.

Таа појасни дека стипендиите што МО ќе започне да ги доделува ќе бидат од области кои се потребни на Армијата и на одбраната, а ги немаат доволно, такви се информатика, електротеника, сајбер одбрана, области во кои е потребно специјализирано знаење и дополнителна наобразба.

„Од почетокот на 2021 година ќе се започне со првите конкурси за стипендирање што ќе ги опфати сите години на факултет, а ќе бидат секоја година се повисоки. Единствениот услов што треба да го исполнат кандидатите е да преземат обврска по дипломмирањето да работат во полза на нашата одбрана и Армијата“, рече министерката Шекеринска.

Таа дополни дека покрај месечна стипендија, ќе има и поддршка на научни помагала и средства што се неопходни во текот на годината.

Според неа, на тој начин ќе може прво да се создаде подобар одбранбен систем, пофункционална Армија, а ќе има и што да им понудиме на дел од командните структури на НАТО.