Програми на ЦИА за сајбер шпионажа, за кои Викиликс објави податоци во март, поврзани се со 40 шпионски операции во 16 земји, што е прва јавна процена за глобалните хакерски операции на американската разузнувачка агенција, соопшти компанијата за компјутерска безбедност „Симантек“.
Програмите кои се споменуваат во податоците кои Викиликс неодамна ги објави поврзани се со електронско инфилтрирање на меѓународни, финансиски, енергетски и вселенски организации ширум светот, соопшти компанијата со седиште во Калифорнија, пренесува АП.
Како и многу безбедносни фирми, „Симантек“ до податоци стигнува со посредство на свои клиенти, но не пружа повеќе детали за да не се шпекулира за идентитетот на лицата или организациите кои се вмешани во тоа.
„Кога станува збор за региони, Блискиот исток е најзастапен меѓу целните држави“, изјави истражувачот Дик О’Брајан.
Откако Викиликс почна да објавува податоци за програмите за сајбер шпионажа на почетокот на март, објасни дека тие програми се земени од Центарот за сајбер разузнавање на ЦИА.
Американската влада после тоа речиси јавно призна за случајот, а една недела потоа, претседателот Доналд Трамп на телевизија рече: „Само сакам луѓето да знаат дека ЦИА е хакирана и дека многу работи се изнесени од таму“, потсетува новинската агенција.