Челзи и Ливерпул блескаа, а Сити се радува

LinkSense.mk

Фудбалерите на Челзи и Ливерпул одиграа вчеравечер во Лондон нерешено 2:2, во рамки на 21-то коло од англиската Премиер лига. Поведе Ливерпул со 2-0, со головите на Садио Мане во деветтата и на Мохамед Салах во 26-та минута.

Мане, по големата грешка на Тревох Чалоба, изби сам пред голманот и со удар со левата нога го совлада немоќниот Менди. На средината на полувремето, Салах умешно го искористи одличното проигрување од Александер Арнолд и откосо од десната страна ја испрати топката во мрежата.

Челзи успеа до крајот на полувремето да стигне до израмнување. За само четири минути стрелци за Челзи беа Матео Ковачиќ во 42-та и Кристијан Пулишиќ во првата минута од продолжението на полувремето.

Прво Ковачиќ со одличен волеј удар од 20 метри го погоди десниот агол од голот и ја намали предноста на Ливерпул, а до изедначување Челзи стигна со голот на Пулишиќ, по асистенцијата на Н’голо Канте.

Челзи е втор на табелата со 43 бодови, додека Ливерпул е трет со еден бод заостанување и натпревар помалку од Челзи. На првото место моментно е Манчестер Сити со 53 бодови.

Челзи во следното коло ќе му гостува на Манчестер Сити, додека Ливерпул ќе го пречека Брентфорд.