Шпанската влада започна нов проект со кој во следните две години ќе се тестира намалувањето на работната недела на четири дена кај малите и средни претпријатија.
Министерството за индустрија на Шпанија соопшти дека за фирмите за овие цели ќе им бидат обезбедени 10 милиони евра.
„Државата е подготвена да им ги надополни на компаниите дополнителните трошоци, ако до нив воопшто дојде. Ако моделот биде успешен, тој ќе може да се спроведе во целата држава. Проектот ќе се тестира две години“, информираат од министерството.
Во последниве години, неколку големи шпански фирми, вклучувајќи ги и телекомуникацискиот гигант „Телефоника“ и модната група „Десикуал“, го тестираа моделот за четиридневна работна недела.
Но, во индустријата е направен мал број такви тестови, а таму каде што се тестирани, обично доаѓало до намалување на платите. „Дури и пред овој експеримент, ‘Телефоника’ им понуди на вработените премин на четиридневна работна недела со намалена плата за 12 отсто. Друг шпански концерн, ‘Ел Сол’, објави во 2021 година дека преминот на четиридневна работна недела со задржување на истата плата ги зголемил перформансите на компанијата, продуктивноста на вработените и задоволството на клиентите“, истакнуваат шпанските медиуми.