Џонсон во ненајавена посета на Киев

LinkSense.mk

Украина е подготвена за тешка битка со руските сили кои се собираат на истокот на земјата, изјави вчера претседателот Володимир Зеленски, кому во ненајавена посета му беше британскиот премиер Борис Џонсон, за да понуди нова финансиска и воена помош.

Џонсон е последниот во низата странски лидери што го посети Киев откако руските сили се повлекоа од областа северно од главниот град пред нешто повеќе од една недела. Неговата посета не беше најавена претходно.

Денеска се сретнав со мојот пријател, претседателот Зеленски во Киев, за да покажеме заедно непоколеблива поддршка за украинскиот народ“, напиша Борис Џонсон на Твитер по средбата.

Тој вети дека на Украина ќе и испрати оклопни возила и противбродски ракети. Џонсон и оддаде почит на украинската војска за „најголемиот подвиг на 21 век“, кој овозможи пораз на „монструозните намери на Путин“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.

Оваа посета е израз на одлучна, силна и стална британска поддршка за Украина. Ние го цениме тоа и секогаш ќе памтиме“, објави Зеленски во соопштение.

Претходно во текот на денот украинскиот лидер разговараше со австрискиот канцелар Карл Нехамер. Тој на заедничка прес-конференција предупреди дека иако воената закана за Киев е намалена, таа расте на истокот на земјата.

Руските сили се собираат во источна Украина“, рече Зеленски. „Ова ќе биде тешка битка, но ние веруваме во оваа борба и во нашата победа. Подготвени сме да се бориме и во исто време да бараме дипломатски начини кои ќе ни овозможат да ставиме крај на оваа војна“, додаде тој.

Во градовите во источна Украина се огласија сирените кои предупредуваат за воздушни напади. Тој дел од Украина стана жариште на руската воена акција по повлекувањето од подрачјата околу Киев. Украинската војска тврди дека Москва се подготвува за напад за да има целосна контрола врз регионите Донбас, Доњецк и Луганск, кои делумно се во рацете на сепаратистите од 2014 година, а нив ги поддржува Москва.

Вчера Украина ја посетија Џонсон и Нехамер, кои таму пристигнаа еден ден по претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Целта на нивните посети е да се истакне поддршката на Западот за Зеленски.

Фон дер Лајен вчера изјави дека Европската комисија обезбедила една милијарда евра, наменети за Украина и за земјите во кои пристигнуваат украински бегалци.

Посетите на странските лидери и најавата на Италија за повторно отворање на амбасадата во Киев кон крајот на овој месец се нови знаци дека градот постепено се враќа во релативна нормалност.

Во Киев почнаа да се враќаат и некои Украинци, а постепено повторно се отвораат кафулињата и рестораните.