Кошаркарите на Партизан вечерва на свој терен, во белградската Арена, ја победија Црвена звезда со 75:72 (26:19, 17:18, 13:18, 19:17) во дербито од седмото коло од АБА лигата.
Партизан до победата го предводеше Кори Волден со 13 поени, а еден помалку постигна Немања Гордиќ.
Во екипата на Звезда се истакна Филип Човиќ со 14 поени, додека Мајкл Оџо постигна 11.
Црно-белите сега имаат пет победи и два пораза, додека Звезда има четири триумфи од седум натпревари.
Звезда подобро го почна натпреварот, поведе со 4:8, но Партизан предводен од Волден направи пресврт и поведе со 12:8. Домаќините со добра игра во финишот на првата четвртина стигнаа и до двоцифрена предност (24:13).
Екипата на Андрија Гавриловиќ успеа само да намали на седум поени разлика (26:19), но Партизан во втората четвртина, благодарејќи пред се на добрата игра на Волден, Мозли и Величковиќ стигна до максимални плус 14 (43:29). Звезда, сепак, со серија од 8:0 во финишит на втората четвртина која заврши со тројка на Берон намали на седум поени разлика.
Партизан слабо ја одигра третата четвртина, а тоа го искористи Звезда и прво се доближи на само еден поен заостаток, а потоа после тројката на Џенкинс и поведе, прв пат од почетокот на натпреварот (54:55).
Со поените на Волден Партизан на последниот одмор замина со плус еден, а после техничката грешка која ја заработи гостинскиот кошаркар Гист, „побегна“ на 64:58.
Човиќ и Оџо, меѓутоа, повторно ја вратија Звезда на еден кош заостаток.
Искри на теренот, меѓусебно кошкање, долгото заседавање на судиите после фаулот над Човиќ и неспортски лични грешки ја одбележаа последната четвртина.
Звезда во тие моменти не ја искористи приликата повторно да поведе, па Паризан после тројката на Гордиќ, на три и пол минути пред крајот, отиде на плус шест – 72:66. После продорот на Јарамаз и личната над него, техничка грешка заработи и тренерот на Звезда, но Партизан од три искористи само едно слободно фрлање (73:66).
Во неизвесна завршница, полна со тензии, подобро се снајде Партизан. Човиќ промаши шут за победа, потоа направи неспортска лична грешка, па црно-белите славеа во првото овосезонско дерби.







