Жестока тепачка го одбележа натпреварот меѓу Детроит пистонс и Шарлот хорнетс, откако во третата четвртина дојде до сериозен инцидент кој резултираше со исклучување на четворица кошаркари.
На крајот, Пистонс славеа со 110:104, а поразот го прекина обидот на Шарлот да го израмни клупскиот рекорд од 10 последователни победи.
Инцидентот започна нешто повеќе од седум минути пред крајот на третата четвртина, кога Џејлен Дурен, со топката во раце и во обид да се упати кон кошот, беше фаулиран од Диабате. По фаулот, Дурен се сврте и влезе во вербален и физички контакт со противникот, при што делуваше дека двајцата се судрија со главите. Набрзо потоа, кошаркарот на Детроит со отворена десна рака го удри Диабате во лицето, по што настана вистински хаос, а мораше да интервенира и полицијата.







