Транспарентноста, отвореното судство и примената на стандардите и практиката на Европскиот суд за човековите права ( ЕСЧП) се едни од клучните заложби на Врховниот суд за спроведувањето на потребните реформи и за враќање на довербата кон судството, вели за МИА претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми по повод 31 март – Денот на македонското правосудство.
„Врховниот суд во изминатиот период целосно се фокусираше на овие темелни принципи. Во таа насока, како исклучително важен момент го акцентирам донесувањето на новиот Деловник на Врховниот суд во чии одредби е инкорпориран моделот на работа на Европскиот суд за човековите права. Новиот Деловник се носи дури по 23 години и како акт обезбедува законито, независно, непристрасно, ефикасно и во разумен рок вршење на функцијата, како и непречено остварување на правата на странките, нагласува претседателката на Врховниот суд.
Како највисока правосудна институција во државата, додава Адеми, посветени сме на доследната примена на стандардите и практиката на Европскиот суд за човековите права, на која се повикуваме во ставовите, мислењата, заклучоците и одлуките.
„Во таа смисла, нашите заложби се многу јасни: приближување на стандардите кон Европскиот суд за човековите како најсилен придонес за заштитата на правата на граѓаните и за независноста на судството, вели Адеми.