На азиските берзи денеска се тргува внимателно, бидејќи инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции, поради забавувањето на економскиот раст, но и заради јакнењето на геополитичките тензии.
МСЦИ (MSCI) индексот на азиско-пацифичкиот регион околу 7 часот беше речиси непроменет во однос на вчерашниот ден, кога значително порасна.
Утрово јапонскиот Никеи индекс ослабе за 0,9 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја се лизнаа за 0,3 отсто.
Во Шангај, Австралија и Хонг Конг тие се зголемија меѓу 0,1 и 0,5 отсто.
Азиските инвеститори се претпазливи бидејќи растот на економиите во регионот, како и на западните, забавува.
Паралелно со тоа, растат и геополитичките тензии поради борбата за превласт во технолошкиот развој.
Откако САД неодамна воведоа ограничувања за извоз на некои видови чипови во Кина, кинеските власти утринава најавија дека ќе го ограничат извозот на два ретки минерали, кои се користат за производство на чипови, во западните земји.
Поддршка на берзите, пак, им пружа надежта на инвеститорите дека кинеските власти наскоро ќе воведат нови стимулативни мерки, имајќи предвид дека сите најнови податоци покажуваат дека растот на втората по големина светска економија е значително побавен отколку што се очекуваше после укинувањето на рестриктивните ковид мерки.
Поттик на австралиската берза и пружи утринава одлуката на тамошната централна банка дека каматите ќе останат непроменети, што ги изненади дел од инвеститорите кои очекуваа дека поради високата инфлација, монетарните власти ќе продолжат повторно да ги зголемуваат каматите.







