Владата на Република Македонија нема да врши активности за рефасидирање или разместување на спомениците или други објекти од проектот „Скопје 2014“.
Министерот на култура Роберт Алаѓозовски вели дека тоа не е приоритет во моментот кога финансиската кондиција е очајна и економскиот живот на граѓаните се одвива на работ на сиромаштијата.
„Ние како министерство за кулутра рековме дека ќе направиме меѓународен конкурс за долгорочни решенија како да се однесуваме кон проектот „Скопје 2014“. Ќе направиме ревизија во која на граѓаните ќе им дадеме увид во состојбите во тоа која е цената за чинењето на овој проект, кои се техничките карактеристики, колку е квалитетен материјалот што е вграден и која е цената на одржливост на сите овие објекти“, изјави министерот одговарајќи на новинарски прашања денеска во Охрид каде присуствуваше на Денот на балканските Египќани.
Алаѓозовски изрази уверување дека по еден таков увид во самата одржливост на проектот ќе биде многу лесно да се преземат во иднини некои акции кои, како што рече, ќе помогнат да се ослободиме од ова тешко време на претходната влада.
Во врска со објектите што се градат на Плаошник, посочи дека ќе се ревидираат работите и оти сериозно ќе се пристапи кон ова прашање,
„Во новиот ребаланс на Буџетот ќе има некои зафати за Плаошник. Сериозно пристапуваме на проблемот. Наскоро и тим од Министерството за култура ќе учествува на Меѓународната конференција на УНЕСКО во Краков така што ќе фатиме сериозно и со ова прашање“, изјави министерот за култура







