Вработените во Ситибанк (Citybank) во Соединетите Американски Држави, кои не се вакцинирани против Ковид-19, до 14 јануари ќе бидат ставени на неплатено отсуство и отпуштени на крајот на месецот, освен ако не им биде одобрено ослободување, пишува Си-Ен-Ен.
Таа американска банка во октомври го објави својот план за воведување нови правила за вакцинација и сега станува прва голема институција на Вол Стрит која ја следи политиката за наметнување на вакцинација.
Овој потег доаѓа во моментот кога финансиската индустрија се бори со тоа како безбедно да ги врати работниците во канцелариите и тие да се вратат на вообичаениот систем на работење, со оглед на тоа дека новата варијанта на ковид, „омикрон“, незапирливо се шири.
Другите големи банки од Вол Стрит, вклучувајќи ги Голдман Сакс (GS), Морган Стенли (MS) и Џеј-Пи Морган Чејс (JPM), им рекоа на некои невакцинирани вработени да работат од дома, но ниту една сè уште не отишла толку далеку за да почне со отпуштања.
Додека Ситибанк е првата банка на Вол Стрит која спроведува задолжително вакцинирање, неколку други големи американски компании воведоа правила „без вакцина, без работа“, вклучувајќи ги Гугл (Google) и Јунајтед Ерлајнс (United Airlines), со различен степен на строгост.
Повеќе од 90 отсто од вработените во Ситибанк досега ја исполниле обврската и тој број забрзано расте, вели изворот.
Ситибанк најави дека исклучоците по верски, медицински или други основи ќе ги оценува од случај до случај.